Последниот квартален состанок за МТЗ за 2023 година беше надграден во дводневна работилница за вмрежување на мултисекторските тимови и стручните соработници за ефикасна заштита на жени и девојки изложени на насилство, кои ги координира ЕХО. Работилницата се реализираше во периодот од 8 - 9 ноември 2023 година во Охрид.
Учесниците – претставници од сите мултисекторски тимови на заедницата за ефикасна заштита на жени и девојки изложени на насилство, како и стручни соработници од општините Штип, Прилеп, Струмица и Гевгелија имаа можност за меѓусебно запознавање и вмрежување, истовремено стекнувајќи знаења и вештини за градење и развој на мрежи, тимска работа и ефикасна комуникација. Работилницата изобиливаше со интерактивни сесии и забавни тимски вежби кои на професионалците од релевантните институции им овозможија спонтана размена на информации, знаења и искуства што ќе им послужат за унапредување на меѓусебната соработка и координација во самите тимови, но и помеѓу тимовите од различни општини. Работилницата претставуваше и исклучителна можност за јакнење на довербата помеѓу претставниците на МТЗ и стручните соработници од различните општини, што е неопходен предуслов за ефикасна меѓусебна координација која води кон унапредување на ефикасноста во заштитата на жените и девојките изложени на насилство во општините и регионите каде делуваат овие тимови.
Работилницата е дел од серијата работилници и обуки наменети за јакнење на капацитетите на Мултисекторските тимови на заедниците за ефикасна заштита од насилство врз жени и семејно насилство, како и стручните соработници на ЕХО, во рамки на проектот „Сите заедно во градење на заедници без родово базирано насилство" поддржани од Шведска и Фондацијата Kvinna till Kvinna.