Третиот квартален состанок на Мултисекторските тимови на заедницата за ефикасна заштита на жени и девојки изложени на насилство, се одржа во Штип на 3 октомври 2023 година. Состанокот претставуваше можност членовите на МТЗ и стручните соработници од различните општини кои ЕХО ги координира (Штип, Прилеп, Струмица и Гевгелија), заеднички да разговараат и разменат искуства за актуелните теми со насилството врз жените и да направат проценка за функционирањето на механизмите за заштита на национално и на локално ниво. Заклучокот е дека последните години, особено по здравствената криза, заштитните механизми на национално ниво речиси сосема изостануваат, дека државата не го става во фокусот проблемот со растечкиот тренд на насилство врз жени и дека во некои општини каде мултисекторската соработка воопшто не е воспоставена, или е на многу ниско ниво, не постои соодветен институционален одговор и се бележат трагични настани изразени преку фемициди – убиства на жени само поради фактот што се жени. Сите учесници беа согласни дека моделот на мултисекторски интегративен пристап до пакетот неопходни услуги за жени и девојки изложени на насилство, воспоставен и развиен од страна на ЕХО, кој се потпира на заеднички прифатени принципи и стандарди на функционирање е ефикасен маханизам за навремена заштита на жртвите, спречување на насилството и соодветно санкционирање на сторителите. Реплицирањето на овој модел во другите општини би претставувало значаен чекор напред кон охрабрување на жените жртви и кон јакнење на довербата во системот на заштита, со што би се спречиле идни фемициди и случаи на насилства врз жени и девојки.
Кварталните состаноци на МТЗ за ефикасна заштита на жени и девојки изложени на насилство редовно се реализираат во рамки на проектот „Сите заедно во градење на заедници без родово базирано насилство“ поддржан од Шведска и Фондацијата Kvinna till Kvinna.