Од 2004 година, секој 25 октомври Советот на Европа и Европската унија го одбележуваат Европскиот ден на правдата низ цела Европа, со цел да ја доближат правдата до граѓаните, да ги информираат за нивните права и да ја промовираат работата на Советот на Европа и Европската комисија во областа на правдата.
ЕХО Едукативно-хуманитарна организација, како овластено здружение за обезбедување на бесплатна правна помош, останува отворена за сите граѓани кои сакаат да остварат или да заштитат свое право и правен интерес од било која правна област, обезбедувајќи им иницијални правни совети за правото на бесплатна правна помош, општи правни совети, општи информации и помош во комплетирање и поднесување на барање за секундарна правна помош, односно за бесплатно адвокатско застапување во судски и управни постапки.
Ви ја споделуваме атмосферата од отворените информативни денови одржани во Прилеп на 12 и 13 октомври. На овој начин ја подигаме свеста на граѓаните за користење на бесплатната правна помош како прв и најважен механизам за олеснување на пристапот до правда, кој треба да е ефикасен, квалитетен и еднаков за сите граѓани.
Граѓаните кои имаат правни потреби и прашања, а кои поради својата финансиска состојба немаат пристап до правда, можат да добијат повеќе информации за начинот на обезбедување на бесплатната правна помош од ЕХО на телефонскиот број 070 22 82 82.
Настанот е дел од проектот „Унапредување на пристапот до правда за граѓаните од Пелагонискиот Регион“ и се организира со финансиска поддршка на Министерството за правда на Република Северна Македонија.
Pin It