„Превенција од секундарна виктимизација на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство“, беше темата на обуката која ЕХО ја организираше на 26 октомври, а беше наменета за јакнење на капацитетите на членовите на Мултисекторскиот тим од Штип за ефикасна заштита на жени и девојки изложени на насилство. Иако секундарната виктимизација, која влијае кон дополнително зголемување на трауматските ефекти од преживеаното насилство, е застапена како тема во голем број меѓународни документи, а исто така и во домашната законска легислатива, сепак праксата покажува дека системот на кривичната правда често се карактеризира со предизвикување секундарна виктимизација кај жртвите на кривични дела.
Секундарната виктимизација претставува негативна социјална или општествена реакција која се јавува како последица на примарната виктимизација и се доживува како натамошна повреда на легитимните права на жртвата.
Земајќи ги во предвид потребите, проблемите и барањата на жртвите, ЕХО се залага за актуелизирање на оваа горлива тема и за унапредување на психолошкиот пристап кон жртвите од страна на претставниците на институциите задолжени за заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство.