ЗАСТАРЕНИ ГУП-ови, ЧЕСТО МЕНУВАЊЕ ДУП-ови И ГОЛЕМ БРОЈ ДИВОГРАДБИ

Денес, 29 февруари 2024 година, го објавуваме истражувањето Застарени ГУП-ови, често менување ДУП-ови и голем број дивоградби кое открива дека доминантен дел од општините имаат генерални урбанистички планови (ГУП) чија формална важност е истечена. За разлика од застарените ГУП-ови, во општините што беа предмет на ова истражување, за пет години се донесени многу ДУП-ови и направени се многу нивни измени.

Поконкретно, истражувањето ги покажа следниве клучни наоди:

  • Наспроти законски предвидениот плански период од 10 години, во дел од општините ГУП-от не е сменет и по повеќе од 20 години. Општина Штип до 31.12.2022 година кога го донесе новиот ГУП, повеќе од 20 години своето просторно планирање и управување со градежното земјуште го реализираше според стариот ГУП од 1999 година. Ова  ненавременото ажурирање и изготвување нови ГУП-ови создава ризик од непланско управување со градежното земјиште и од загрозување на јавниот интерес и квалитетот на животот.
  • Од 167 измени на ДУП-овите 101 измена се направени по барање на физички или правни лица, додека 66 измени се по иницијатива на Општина Штип. Ова покажува дека е воспоставена пракса – планската документација да се менува и адаптира според потребите на надворешни субјекти, наспроти иницијативите за измени на ДУП-овите од страна на општината со кои би се предвиделе повеќе проекти за унапредување на јавниот простор.
  • Во периодот 2018-2022 година на територијата на Општина Штип вкупно се поднесени 192 барања за градба од кои 156 се одобрени додека 36 се одбиени или повлечени, што говори дека 81% процент од поднесените барања се  одобрени.
  • Процентот на поднесени барањата за легализација на нелегално изградените објекти доставени во 2018 година на територијата на Општина Штип се над 68% повеќе од барањата за одобренија за градба доставени во период од цели пет години, од 2018 до 2022 година, или 1311 барања за легализација наспроти 192 барања за одобрение за градба. Ова недвосмислено говори за последиците од донесувањето Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, со што се загрозуваат принципите на владеење на правото и планскиот развој на просторното планирање во земјата.
  • Бројот на нелегално изградени објекти говори и за неефикасноста на инспекцискиот надзор. Наместо да бидат урнати, овие објекти чекаат на легализација, и тоа во бројка неколкукратно поголема од легално доставените барања за градба.
  • Пополнетоста на работните места во организациските единици за урбанизам просечно изнесува 62 %, а во половина општини не е назначен раководител на организациската единица надлежна за урбанизам. Ова значи дека не е воспоставена целосна и ефикасна контрола и воедно се зголемува можноста за поголеми влијанија на градоначалниците, кои ја добиваат можноста на функцијата да овластат блиски лица.

Истражување е спроведено во осум таргетирани општини (Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Тетово, Струмица, Чаир и Штип). Истражувањето е спроведено од страна на Центарот за граѓански комуникации, заедно со невладините организации вклучени во спроведување на проектот „Заштита од корупција. За Општина Штип истражувањето го спроведе  ЕХО Едукативно-хуманитарна организација.

Целосно извештајот може да го погледнете на https://www.ccc.org.mk/images/gupmk.pdf.

Истражување е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.

 

Pin It