ПОЧЕТНА

Започна да се применува новиот закон за спречување и заштита од насилство врз жените

Денес почна да се применува новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.
Со овој закон се уредува постапувањето на институциите со должно внимание при преземањето мерки за превенција од родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство, постапувањето на институциите за заштита на жените од родово-базирано насилство и семејното насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите, услугите за заштита на жртвите и собирањето на податоци за родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство.

Цел на законот е превенција и спречување на родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство, ефективна заштита на жртвите од каков било облик на родово-базирано насилство врз жени, како и на жртвите на семејно насилство, со почитување на основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија. Целта на законот се заснова на принципот на еднаквост и елиминирање на стeреотипите за родовите улоги.