ПОЧЕТНА

Сите заедно во градење на заедници без насилство

Во рамки на кампањата по повод денот на жената, 8 ми Март, која ЕХО ја спроведува во тек на целата година, но поинтезивно во втората недела на месец март, ЕХО организираше средба на Мултисекторскиот тим на заедницата на Општина Штип за ефикасна заштита на жените од секаков вид на насилство, вклучувајќи го семејното насилство.

На средбата беа дискутирани досегашните исклучителни достигнувања од примената на интегративниот мултисекторски пристап во заштитата на жените и девојките изложени на насилство, особено ако се земе во предвид дека ваквиот модел за прв пат беше воспоставен од ЕХО во општините Штип и Струмица и претставува пример за успешна пракса што треба да се реплицира и во останатите општини.
Дневниот ред опфати теми кои се однесуваа на:
- статистики за бројот на жртвите опфатени со интегративниот мултисекторски пристап и ефикасноста на моделот што се отсликува преку успешното функционирање и во услови на криза;
- разгледување и препораки за ревидирање на претходно подготвениот акциски план на МТЗ, чија имплементација беше забавена заради пандемијата со Ковид 19;
- презентирање и консултации за содржината на првата верзија од подготвеното промотивно видео за работата на мултисекторските тимови во Штип и Струмица;
- новини во регулативата поврзана со заштита на жените од насилство;
- презентација на идни активности согласно стратешкиот план и годишната програма на ЕХО.
Посветеноста и решителноста на членовите на мултисекторскиот тим за надградба на сопствените капацитети и вложување во каузата за сеопфатна поддршка на жените и девојките изложени на насилство и овој пат беше за поздравување и ни дава силна мотивација да продолжиме во насока на имплементација и зајакнување на интегративниот мултисекторски пристап, како во Штип и Струмица, така и во останатите општини на државата преку трансфер на знаења, пренос на позитивните практики и менторска поддршка.
Активноста беше организирана во рамки на проектот „Сите заедно во градење на заедници без насилство“, финансиран од фондацијата Kvinna till Kvinna.