ПОЧЕТНА

Сесија за правно описменување на граѓаните на тема минимална плата

Во рамки на проектот Пристап до правда во Македонија, финансиран од Фондација Отворено општество - Македонија, ЕХО и Гласен текстилец од Штип на 20.10.2017 година одржаа сесија за правно описменување на граѓаните на тема минимална плата. Целта на овие сесии е да им овозможат зголемување и зајакнување на свеста, знаењата, вештините и самодовербата на граѓаните во препознавање и справување со правните проблеми, како и остварување и заштита на правата.

Дваесетина учесници вработени во текстилните фабрики во Штип, Кочани и Македонска Каменица имаа можност да се запознаат со концептот на минимална плата согласно последните измени на Законот за минимална плата и да споделат свои искуства и проблеми кои произлегуваат од секојдневниот работен процес.
Правниците и параправниците од здруженијата како и присутниот адвокат им одговорија на повеќе правни прашања што се однесуваа на остварување и заштита на правото на минимална плата, исплатата на регресот за годишен одмор (ткн. К-15) и додатокот на плата за прекувремена работа, лошите услови за работа, отказите и заштитата на правата во постапка пред работодавецот, судот и надлежниот инспекторат за труд.