Проект за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки

usaidccc

 

 

Целта на овој проект е да го олесни пристапот на малите и на микропретпријатијата до пазарот на јавни набавки, придонесувајќи за нивен одржлив развој и подобро искористување на нивните потенцијали за создавање работни места, раст и иновации. Од друга страна, на договорните органи проектот треба да им овозможи постигнување пониски цени и повисок квалитет во јавните набавки.

Овие цели ќе се остварат преку следниве задачи:

  • Зголемување на свесноста кај малите и кај микропретпријатијата за можностите што ги нуди пазарот на јавните набавки;
  • Снабдување на малите и на микропретпријатијата со знаење, алатки, способности и капацитети за тендерските постапки и
  • Помош на договорните органи за намалување на административните пречки што го оневозможуваат влезот на микропретпријатијата во јавните набавки.

Станува збор за тригодишен проект, поддржан и од Бирото за јавните набавки, кој се спроведува во 20 општини од источниот и од вардарскиот регион, плус Струмица.
Проектот го спроведува Центарот за граѓански комуникации од Скопје во партнерство со „ЕХО“ од Штип и со фондацијата „Фокус“ од Велес.

Во рамките на проектот, на 200 микро и мали претпријатија од опфатените региони ќе им се обезбедат бесплатни обуки, секојдневна асистенција и стручни консултации при изработка на тендерските документации и при пријавувањето на огласите за јавни набавки објавени од страна на договорните органи од опфатените општини. Притоа, претставници од секое од опфатените претпријатија ќе можат да дојдат во еден од двата регионални центри за поддршка на микропретпријатијата (сместени во Штип и во Велес), каде што ќе им биде овозможена конкретна асистенција при составување на понудата или, пак, на повик од претпријатието, мобилните тимови од асистенти ќе одат во неговите простории за таму да му ја дадат потребната помош. Освен тоа, за подетални и пософистицирани потреби, на претпријатијата ќе им биде дадена и помош во консултации од страна на експерти за јавни набавки. Договорните органи од опфатените региони, пак, ќе бидат вклучени во низа активности насочени кон имплементација на конкретни мерки за олеснување на пристапот на малите и на микропретпријатијата во јавните набавки, во согласност со препораките на Европската комисија во оваа насока.

Во проектот се опфатени мали и микропретпријатија од секоја од споменатите општини. Општите услови за учество на претпријатијата во проектот и за нивно квалификување за добивање помош се претпријатието да има производи и услуги кои се барани на огласите за јавни набавки и да има максимум до 9 вработени. Предност им се дава на оние мали и микропретпријатија кои немаат никакво или имаат сосем мало искуство со јавните набавки, како и на оние кои имаат барем основна информатичка опрема.

 

ФОТО ГАЛЕРИЈА:

Во Штип промовиран регионален центар за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки:

Проект за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки: