Проект „Следење на примената на Законот за бесплатна правна помош“

      Од 2007 година, па се до декември 2009 кога беше донесен Законот за бесплатна правна помош, ЕХО Штип активно беше вклучена во групата граѓански организации, препознатливи како даватели на различни форми на бесплатна правна помош, со цел да даде свој придонес во процесот на изготвување и донесување на квалитетен Закон за бесплатна правна помош.

Како резултат на инволвираноста во процесот и огромното претходно искуство во давањето на бесплатна правна помош за ранливи и маргинализирани категории на граѓани, во координација со уште пет здруженија, од кои четири регистрирани овластени даватели на бесплатна претходна правна помош, почнувајќи од септември 2011 година, а во рамките на проектот „Следење на примената на Законот за бесплатна правна помош“, ЕХО Штип продолжи да ја следи во целост примената на Законот за бесплатна правна помош. Целта е, преку свои предлози и коментари во насока на надминување на аномалиите и недореченостите во Законот и суштинско подобрување на неговиот квалитет, да придонесеме кон поефикасна примена на Законот, да им се овозможи еднаков и ефикасен пристап до правдата  на сите граѓани во Р.Македонија, како и да се зајакнат капацитетите на здруженијата како даватели на бесплатна правна помош.

Во текот на 2012 година, заклучно со ноември 2012, во Канцеларијата на ЕХО за бесплатна правна помош беа дадени бесплатни правни совети и извршени соодветни упатувања на 140 граѓани од општина Штип и околните општини, припадници на социјално ранливи категории граѓани, меѓу кои најчести се жртвите на семејно насилство и примателите на социјална помош и заштита.

Истовремено, предлозите за надминување на евидентираните слабости и недостатоци на востановениот систем на бесплатна правна помош што произлегоа од директниот контакт со граѓаните и работењето на канцеларијата за бесплатна правна помош, беа вградени во Анализата за примената на законот за бесплатна правна помош за 2011 год. со наслов “Бајка или реалност!? -Бесплатната правна помош во Република Македонија“ , во издание на Македонското здружение на млади правници. Оваа анализа беше промовирана на пошироката јавност во Штип на 23 мај 2011 година.

Исто така, беа набљудувани неколку судски постапки во кои беше одобрена бесплатна правна помош од страна на Министерството за правда, во чии рамки беа анкетирани барателите на кои им беше одобрена бесплатна правна помош, адвокатите како даватели на истата и судиите.

Во септември и октомври 2012 година, ЕХО, преку претставник на здруженијата-даватели на БПП, беше вклучена во работната група при Министерството за правда, која ги подготви најновите измени и дополнувања на Законот за бесплатна правна помош.

Во тек е анализа на добиените податоци од работењето и активностите во 2012 година, а произлезените предлози и препораки ќе бидат вградени во новата овогодишна анализа, чие издавање се очекува на почетокот на 2013 година.