Сесија за правно описменување на граѓаните на тема заштита од семејно насилство

Во рамки на проектот Пристап до правда во Македонија, финансиран од Фондација Отворено општество - Македонија, на 22.12.2017 година во просториите на ЕХО се одржа сесија за правно описменување на граѓаните на тема заштита од семејно насилство. Целта на овие сесии е да им овозможат зголемување и зајакнување на свеста, знаењата, вештините и самодовербата на граѓаните во препознавање и справување со правните проблеми, како и остварување и заштита на правата.

Дваесетина учеснички имаа можност да се запознаат со концептот на заштита на жртвите на семејно насилство согласно Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, како се остварува заштитата преку изрекување и спроведување на привремените мерки за заштита, како и да споделат искуства и проблеми поврзани со темата.
Правничката и параправничката од ЕХО, како и присутната адвокатка им одговорија на повеќе правни прашања што се однесуваа на видовите на семејно насилство, со акцент на економското насилство, демнењето, кој се може да се јави како сторител на семејно насилство и последиците од прекршување на изречените привремени мерки, како и остварувањето и заштита на правата на жртвите во постапките пред Центрите за социјална работа, судските постапки и надлежностите на МВР.